Границите на Австралија повторно се отворени за Новак Ѓоковиќ и во следните неколку дена тој треба да пристигне на овој континент. Ѓоковиќ не само што ќе игра на првиот гренслем-турнир во годината, популарното Отворено првенство на Австралија, туку ќе биде дел и од турнирот во Аделаида.
Србинот пред неполна година доби забрана за влез во Австралија и беше депортиран со судска забрана дека во следните три години не смее да влезе во земјата. Сепак, оваа забрана сега е поништена од страна на новиот министер за имиграции, Ендру Џилс, па Ѓоковиќ без проблем ќе може да влезе во земјата.
„Фокусирани сме за убаво добродојде на Ѓоковиќ, кој ќе пристигне следната недела. Ќе игра на Аделаида, а потоа и во Мелбурн. Многу разговаравме со него во текот на оваа година. Тој е голем шампион. Игра најдобар тенис и ќе биде фаворит. Популарен е во цела Австралија, тој тука има голем број фанови“, рече директорот на Отвореното првенство на Австралија, Крег Тајли.
Ѓоковиќ во јануари оваа година не доби дозвола за влез во Австралија затоа што не беше вакциниран против корона-вирусот, а Тајли се правда дека тој не е виновен за целата ситуација и недавањето дозвола на Ноле да игра.
„Последните две години беа тешки за целиот свет, не само за Отвореното првенство на Австралија. Ако се вратите чекор назад, ќе видите дека условите беа надвор од нашата контрола. Дали би сакале тоа да не се случеше? Апсолутно. Дали направивме сè што беше во наша моќ во тој момент? Да“, рече Тајли.
Турнирот во Аделаида стартува на 1 јануари и ќе трае во наредните осум дена, а потоа следува Отвореното првенство на Австралија, кое е закажано од 16 до 29 јануари.