Според неофицијалната анкета направена меѓу фудбалерите на Барселона, најпосакувани ривали во четвртфиналната фаза им се Порто и Манчестер јунајтед.
Јавно никој не кажува дека е така, но во соблекувалната на Каталонците на листата на желби најчесто се спомнувале Порто, како тим за кого се мисли дека е најслаб од седумте можни ривали, и можеби изненадувачки Манчестер јунајтед, кој приреди изненадување на реваншот против ПСЖ.
Од друга страна, во Барселона никако не сакаат во четвртфиналето да се сретнат со Манчестер сити и Јувентус, кои ги сметаат за главни конкуренти во битката за титулата. Речиси и да не постои играч на Барса кој сака четвртфинале против „граѓаните“ на Гвардиола или против „старата дама“.
За Ајакс, Тотенхем и Ливерпул, во Барселона сметале дека се непријатни ривали и тврди ореви за кршење, па тие три тима не се ниту најпосакувани, ниту први на листата за ескивирање. Утре во 12 часот е ждрепката и сигурно е дека ќе има барем едно големо дерби, додека други ќе имаат повеќе среќа, барем на хартија.