Во Баскија не им е мило што нивни играчи носат титули за Шпанија

Фудбалерот на Реал Сосиедад, Микел Ојарзабал, стана херој на шпанската репрезентација откако како резерва влезе на теренот и го постигна победничкиот гол во победата од 2-1 против Англија во финалето на ЕВРО 2024.

Ојарзабал сега има статус на херој, но не во цела Шпанија. Во неговата Баскија не се многу среќни со титулата. Познато е дека Баскијците со децении се борат за независност и многу од нив не ги поддржуваат ниту Кралот, ниту владата на Шпанија, ниту репрезентацијата.

На ЕП во Германија, во составот на селекторот Луис де ла Фуенте имаше повеќе Баскијци отколку Каталонци или мадриѓани. Баскијците, како Микел Мерино, Ојарзабал, голманот Унаи Симон и крилото Нико Вилијамс, имаа голем придонес во титулата. Симон е незаменлив на голот, Микел Мерино даде гол за победа над Германија, Ојарзабал го реши финалето со Англија, а Вилијамс блескаше на цело првенство.

Но, само еден ден по финалето, непознати сторители закачиле транспарент на фасадата на зграда во Елори, малото гратче во Баскија каде што живее мајката на Ојарзабал, јасно кажувајќи што мислат за играњето на Ојарзабал и неговиот соиграч од Сосиедад, Мерино, за Шпанија.

„Не за играње за Шпанија“, пишуваше на транспарентот на којшто беше истакнато баскиското знаме, а шпанското знаме беше пречкртано. До имињата на двајцата играчи беше исцртан знакот со фашистичкиот кукаст крст, а двајцата беа наречени „предавници“.

Главниот координатор на Билду (левото крило на баскиската националистичка партија), Арналдо Отеги, ден по победата на Шпанија изјави дека никогаш нема да ја прослави победата на таа репрезентација, нагласувајќи дека таа не го претставува него.

„Таа не е моја репрезентација, не е мој крал и не е моја химна“, рече тој.

Некои луѓе мислат дека сме анти-Шпанци, но она што сакам да го направам е да ги натерам луѓето да мислат дека баскиските играчи не можат да играат за Шпанија затоа што Шпанија ни го ускратува тоа право на Баскијците. Како што Англија дозволува Шкотска, Ирска и Велс да имаат репрезентации, Шпанија треба нам да ни дозволи да имаме баскиска репрезентација“, вели Отеги.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести