Црвена ѕвезда ја извојува и втората победа после две кола во кошаркарската Евролига, откако вечерва во Арената во Белград беше совладана Басконија со 78-71. Во првото коло баскискиот тим го победи Партизан, а Ѕвезда како гостин триумфираше кај Париз.
Ѕвезда која играше без првиот плејмејкер Теодосиќ, на околу седум минути до крајот имаше големи плус 17 разлика, но гостите се заканија и дојдоа на само четири поени негатива, имаа и напад, но центарот Боломбој со блокада и потоа кош во следниот напад, ја крена на нозе публиката и го намали притисокот врз својот тим кој беше во неколкуминутна криза.
Пред мечот, фановите развеаја големо знаме со мапата на Косово со пораката „нема предавање“, а на разгласот се пушташе песна „Ој Косово, моја земјо сакана“, па ова ќе предизвика реакции. Патриотски песни се пееја и на полувремето во изведба на пејачката Павлина Радовановиќ.
Во другиот вечерашен меч од Евролигата, Монако дома ја оправда фаворитската улога против Макаби и славеше со 85-79.