Бурното лето за ФК Пелистер доаѓа пред самиот крај, но започнува нова одисеја со стартот на сезоната во Првата МФЛ.
Тренерот Димитар Капинковски најавува дека битолчани ќе дојдат мотивирани во Скопје за дерби-натпреварот од првото коло со вечниот ривал Вардар, каде што нивна цел е да изборат позитивен резултат.
„Многу нешта се сменија, имаме нова управа, нов тренер, а заминаа осуммина играчи од ланскиот состав. Ова се големи промени, а ние тековно се екипиравме и се обидовме да составиме еден балансиран тим. Преодниот рок истекува во септември, но јас сепак верувам дека ростерот е солидно пополнет и нема да има потреба да реагираме со уште ангажмани. Сакаме да се претставиме во најдобро светло, а во моментов имаме само еден повреден играч, Јове Трајковски, кој ќе мора да ја паузира целата полусезона поради скинати лигаменти“, вели тренерот на Пелистер, Димитар Капинковски, за сајтот на ФФМ.
Со оглед на тоа што Вардар веќе имаше официјални натпревари, тренерот на Пелистер не сака однапред да прифати подредена позиција во големото дерби.
„Ова е најголемо македонско дерби и претставува предизвик за сите играчи, па и за тренерите. Од наша страна, почитта за успесите и резултатите на Вардар е максимална, но наше е да го дадеме максимумот и да пробаме да извлечеме позитивен резултат“, додава Капинковски.
Капитенот Мирко Ивановски ја потенцира добрата атмосфера меѓу играчите во битолскиот клуб, додека за самиот натпревар вели дека немаат право на грешка.
„Факт е дека сме во фаза на оформување на тимот, имаме шестмина нови играчи, а ним им останува да докажат дека се вистински засилувања. Имаме добра атмосфера, постои одредена хемија, но очекувам од коло во коло да стануваме подобри и веќе до првата репрезентативна пауза да бидеме комплетни во меѓусебното запознавање. Добро е што ова дерби се случува на стартот, ќе беше поинаку ако околностите и позицијата на табелата влиајеа на некој од тимовите, вака атмосферата ќе биде како да играме финале во Купот, каде што никој нема право на грешка и сите го сонуваат успехот“, вели капитенот на битолчани, Мирко Ивановски, за сајтот на ФФМ.
Натпреварот се игра во вечерен термин од 20:00 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Фото: ФФМ/ffm.mk