29.8 C
Skopje
понеделник, 15 септември 2025

Во Битола ќе се игра и врвна кошарка: Пелистер сериозно се подготвува за настапот во Европа

Кошаркарите на Пелистер есенва ќе бидат единствената македонска екипа која ќе игра во европските купови, а настапот во квалификациите за пласман во групната фаза од Лигата на шампионите го почнуваат во петок. Квалификацискиот турнир се игра во Самоков, Бугарија, а противник на битолчани во петок ќе им биде италијанскиот претставник Реџина.

“Имаме промени во играчкиот кадар, му посакуваме добредојде, ќе застанеме безрезервно зад него. Од година во година клубот расте иако минатата сезона не ги остваривме амбициите. Повисоките структури одлучија првпат да учестуваме во ЛШ, меч на 19-ти. Ако не го поминеме квалификацискиот турнир, одиме во ФИБА куп, ќе имаме европски мечеви во нашиот град. За домашната лига имаме највисоки цели, се надеваме дека барем едниот трофеј ќе го донесеме во Битола”, изјави директорот на Пелистер, Филип Ивановски.

Доказ за високите амбиции на Пелистер оваа сезона е и ангажманот на дури шест странци, а елиминација од квалификациите за Лигата на шампионите ќе значи и преселба директно во групната фаза од Европскиот куп на ФИБА, што значи дека Битола ќе биде домаќин и на врвна европска кошарка.

“Благодарност за искажаната доверба, клубот е доведен на завидно ниво. имаме големи очекувања. Во првиот меч со Реџо Емилија, лани беа во плејофот, квалитетен тим е, поинакво ниво, но тоа е само предизвик да ги претставиме во добро светло градот и државата. Се надевам дека и другите клубови ќе фатат континуитет во играње во Европа, од тоа полза ќе има и репрезентацијата. Жал ми е што немавме повеќе контролни средби, ветувам квалитетна борба и работа”, вели тренерот Боро Даскаловски.

Еден од новите кошаркари на Пелистер е и репрезентативецот Андреј Митревски, кој најавува дека целта е титулата од македонското првенство.

“Тимот ќе настапува на високо ниво, без разлика дали ЛШ или ФИБА куп, да видиме до каде сме. Го гледаме како мотив за докажување, а не како несреќа во ждрепката. Ќе добиеме многу искуство, ќе се бориме да стигнеме што подалеку. За домашната лига сакаме титула, фали пехарот во градот. Задоволен сум од градот и условите, се чувствувам прифатен, има позитивна енергија”, рече Митревски.

- Оглас -

Најнови вести