Фудбалерите на Борусија Дортмунд не можат да се помират со поразот од 2:0 од Челси и елиминацијата од Лигата на шампионите и за главни виновници ги сметаат судијата Дани Макели и судиите во ВАР собата.
„Одлуката на Каи Хаверц да му се дозволи повторно да го изведе пеналот беше нечија шега“, изјави Џад Белингам.
Борусија славеше на првиот осминфинален меч на домашен терен со 1:0, но Челси вчера во реваншот победи со 2:0 со головите на Рахим Стерлинг и контроверзниот пенал на Хаверц.
На Челси му беше досуден пенал по центаршутот на Бен Чилвел кога топката удри во раката на дефанзивецот на Дортмунд, Мариус Волф. Прво судијата не досуди пенал, но беше повикан од ВАР собата и по прегледување на снимката, ја промени одлуката.
Хаверц ја погоди стативата, но судијата Макели одлучи истиот да се повторно откако доби сугестија од ВАР собата дека играчите на Дортмунд пред време влегле во шеснаесетникот. Во својот втор обид, Хаверц постигна гол и го однесе Челси во четвртфиналето.
Интересно е што прераното влегување на играчите во шеснаесетникот не е во доменот на ВАР, а посебно бидејќи први кои влегоа во казнениот простор беа играчите на Челси.
„Мислам дека судијата беше многу груб со нас, не ми е јасно зошто го повтори пеналот со оглед на тоа што имаше многу играчи во шеснаесетникот и не беа само наши. Макели имаше погрешен однос кон нас во текот на целиот натпревар, не заслуживме на ваков начин да се збогуваме од Лигата на шампионите“, изјави Емре Џан.
а