Струмичанецот Николчо Ѓоргиев е подготвен в недела да стартува со еден необичен подвиг. Ѓоргиев кој повеќе од 15 години е вљубеник во велосипедизмот, ќе започне една необична тура, со велосипед да помине 2.000 километри од Швајцарија до најјужниот дел од Македонија, односно до Дојран, каде што се наоѓа хотелот Истатов.
Планот на Ѓоргиев е да стартува од градот Белинцона на 1 октомври, а според предвиденото, треба да пристигне на 7 октомври и тоа до хотел Истатов во Дојран. Како крајна дестинација е хотелот Истатов, затоа што оваа тура ќе се вози токму во чест на легендарниот македонски голман, Благој Истатов.
„ Со велосипедизмот активно се дружам 15 години. Сум бил дел од многу трки, како велосипедски, така и трки во трчање, а учествувам и на МТБ маратони, како и ултра маратони. Сепак волку голем предизвик досега не сум имал. Патеката која планирам да ја поминам е 2.000 километри и ова ќе биде подвиг во чест на легендарниот и најдобар голман во Македонија на сите времиња Благој Истатов“, вели Ѓоргиев.
Во зависност од временсите услови по 250 до 270 километри на ден. Планот е да се стигне до целта за 7 дена.
„Ќе возам сам, а олеснување ќе добијам кога ќе стигнам во Врање, затоа што таму ќе бидам пречекам од членови на велосипедскиот клуб ВК-АКТИВ Струмица, клуб во кој и час членувам“, додава Ѓоргиев, кој има голема почит кон легендарниот Истатов.
Некогашниот македонски голман беше роден на 5 април 1947 година и имаше блескава кариера. Започна во неговиот матичен клуб Беласица во 1965 година, а потоа бранеше за Победа, за да во 1973 година направи трансфер во Партизан. Кај Црно-белите остана до 1976 година, а потоа замина во Утрехт.
Играчката кариера ја заврши во 1978 година, но Истатов остана во фудбалот целиот свој живот. Пред два дена се навршија пет години од неговата смрт на 27 септември 2018 година.