Борусија Дортмунд ја прифати понудата од Манчестер сити за Ерлинг Халанд, па Норвежанецот откако ќе ги договори личните услови со англискиот првак, ќе потпише за Граѓаните и од следната сезона ќе игра во англиската Премиер лига.
Извршниот директор на Борусија, Ханс Јоаким Вацке, го коментираше трансферот на Халанд и го спореди со тие на Роберт Левандовски и Пјер-Емерик Обамејанг.
„Борусија ќе биде силна и без него. Ние играме 113 години, од тие 111 без Халанд. Во 2014 си замина Левандовски, а го зедовме Обамејанг и продолживме да играме и потоа. По Обамејанг, дојде Халанд, сега по Халанд, го најдовме Адејеми. Не можеме да се бориме со големите богати клубови на чие чело се олигарси и зад кои стојат арапските држави. Можеме да добиеме некоја битка за млад играч кој сака да игра пред 80.000 публика и да напредува. Некогаш продажбите се исплатат како со Дембеле со Барселона, а некогаш не, како Левандовски кога замина во Баерн“, изјави Вацке.