Во Евролигата последното коло не се игра во исто време, па можни се секакви резултати

Последното коло од регуларната сезона во Евролигата ќе биде развлечено во неколку термини и тоа отвора простор за калкулации и манипулации со резултатите. Сигурно е дека Барселона ќе го освои првото место и дека ЦСКА Москва и Анадолу Ефес ќе имаат предност на домашен терен во плејофот, а за сите други места има по неколку комбинации.

Реал Мадрид вечерва во Истанбул има клучно гостување кај Фенербахче, па затоа и Серхио Љуљ ќе игра по пауза од еден и пол месец. Откако си замина Кампацо, а се повреди Рендолф, Реал се мачи, па Кралевите може и да го пропуштат плејофот првпат по една деценија.

Ако победи Реал, сигурно оди во плејофот, но не се знае кое место ќе го освои. Може да биде и петти ако Баерн загуби на гости од Барса, но Реал може и да остане без место меѓу осумте најдобри ако загуби од Фенер, а Зенит ги добие преостанатите два меча, утре со Макаби и еден заостанат со Панатинаикос в понеделник. На Фенербахче победата му треба за да се надева на четвртото место. Дури 80 проценти од тимовите кои имале домашна предност во плејфот стигнувале до финалниот турнир.

Математиката вели дека Реал може да оди понатаму и со пораз во Истанбул, но ќе чека пораз на Зенит во еден од двата преостанати меча кои треба да ги игра дома со Макаби и ПАО. Зенит ќе оди во плејоф и со една победа, но му требаат и победи на Реал и Басконија.

И дуелот Валенсија – Басконија е важен. Валенсија со победа оди во плејоф ако загубат Реал или Зенит. Баскијците одат понатаму само ако победат во Валенсија и плус Реал ако загуби од Фенербахче. Има уште една интересна работа, ако Валенсија влезе во плејоф, тогаш само победникот на Еврокупот во следната сезона ќе се најде во Евролигата, а не и финалистот.

- Оглас -

Најнови вести