Социјалните мрежи веќе со години се највлијателното место за споделување информации, вести, фотографии, а „Фејсбук“ е една од најпопуларните. Токму на оваа социјална мрежа, во годините што изминаа, Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) креираше официјална страница наменета за фудбалската репрезентација. Фејсбук профил на ФФМ има повеќе од 130.000 следбеници, но тоа сега е џабе затоа што профилот едноставно исчезна и моментно не постои.
„Точно е дека од вчера повторно не функционира ФБ-страницата на фудбалската репрезентација. Не знам што се случува и каде е проблемот“, кратко ни одговори портпаролот на ФФМ, Златко Андоновски, кој не кажа дали од Федерацијата се превзема нешто на оваа тема, туку само го потврди тоа што вчера го напишавме.
Овој проблем со официјалната ФБ-страница на Фудбалската репрезентација не е првпат. До неодамна, контролата на ФБ-страницата ја имаа хакери кои со месеци постираа работи коишто немаат никаква допирна точка со македонскиот фудбал.
Пред два месеца од ФФМ се пофалија дека ја вратија контролата на ФБ-страницата, но сега повторно има проблем, и тоа во најлош можен момент. Во следниве 10 дена, Македонија ќе одигра два меча од квалификациите за ЕП 2024 година, и тоа против две светски велесили. Најпрво на 17 ноември ќе гостуваме кај Италија, а три дена подоцна на стадионот „Тодор Проески“ во Скопје ќе ја пречекаме Англија.
Во ФФМ сигурно треба малку повеќе да се заангажираат и во следните неколку дена да се обидат повторно да го активираат профилот на една од најпопуларните социјални мрежи, каде што имаат над 130.000 следбеници.