Поради пандемијата од Коронавирус, шампионатот во Формула 1 не само што не започна навреме, туку се одложени поголем број на трки. Две трки се целосно одложени, а за шест се бараат нови датуми кога би требало да се возат.
Сите тимови во Ф1 дадоа согласност да се бараат нови термини кога би се возеле одложените трки, а идејата е натпреварувачкиот календар да трае до декември.
„Чувствувам дека ова се клучни моменти. Заедно со останатите шефови на екипите дадовме согласност да го дефинираат календарот за да може да се одржи сезоната“, вели шефот на Ферари, Матео Биното.
Сезоната во Ф1 требаше да започне во Австралија. Сите екипи беа пристигнати и подготвени за трката, но на еден ден пред официјалните квалификации, челниците на Ф1 мораа да попуштат и решија да го одложат натпреварувањето поради налетот на Коронавирусот.