Германскиот бундеслигаш Ајнтрахт Франкфурт повеќе од 40 години чека да се израдува на трофеј во европските купови, а сега е на чекор од такво нешто. Ајнтрахт ќе игра во финалето на Лигата на Европа, каде што за противник го има тимот на Глазгов ренџерс. Мечот за трофејот ќе биде во Севилја на 18 мај, а интересно е дека поради ова финале, во Франкфурт морале да бидат одложени девет венчавки.
Градската матична куќа морала да ги откаже тие девет венчавки закажани за 19 мај затоа што доколку Ајнтрахт победи во финалето и го освои трофејот, големото славење ќе биде закажано токму за следниот ден, односно во четврток, на 19 мај, пред Градското собрание.
„Со десетици илјади многу емотивни фудбалски навивачи кои ќе бидат собрани непосредно пред Градската матична куќа, на младенците нема да можеме да им понудиме достојно опкружување како што е планирано. Оваа одлука не беше воопшто лесна да се донесе. Сепак, за луѓето венчавката е една од најважните работи во животот. Сè треба да биде совршено на тој ден затоа што се памти цел живот“, вели портпаролот на Ајнтрахт, Аксел Хелман.
Од клубот соопштија дека славење пред Градското собрание ќе има само доколку Ајнтрахт го освои трофејот во Лигата на Европа.
„Ќе славиме само ако имаме пехар во рацете. Не се слави второ место. Во 2017 година загубивме во финалето на германскиот куп и имаше прослава. Тоа беше погрешна одлука“, додава Хелман.
Според планот на УЕФА, двата финалисти имаат право да добијат по 10.000 билети за мечот во Севилја, но најавите се дека во шпанскиот град ќе има дури 70.000 навивачи на Ренџерс и околу 45.000 фанови на Ајнтрахт.