Во Гостивар заврши победничката серија на шампионот МЗТ Скопје

Гостивар го доби дербито против МЗТ Скопје со минимални 80:78 пред домашна публика и воедно ја прекина победничката серија на актуелниот македонски првак. Избраниците на Марјан Србиновски на одличен начин одговорија на тешкиот предизвик, а беспрекорната поддршка од трибините во салата „Младост“ им беше ветар во грб кон обидот да дојдат до посакуван резултат. За МЗТ ова е прв пораз воопшто сезонава во сите натпреварувања.

Екипите го оправдаа епитот дерби и речиси цел меч беше егал. Штрковите во првото полувреме најмногу стигнаа до +6 предност, што беше за брзо анулирано па Гостивар на паузата замина со минимални 41:39. Домаќините одлично отворија во остатокот од мечот, па за малку не остварија двоцифрена предност со која можеа многу порано да ја решат средбата.

Сепак, за да биде интересно до крај, последниот напад на средбата го одлучуваше победникот. Џелетовиќ реализира шест поени во низа, со двете слободни фрлања го донесе Гостивар до минимална предност, а МЗТ не ги искористи последните секунди промашувајќи тројка, а потоа и зицер под обрачот, па резултатот остана во корист на Гостиварци.

Токму Џелетовиќ со 21 поен беше најефикасен во редовите на домашниот состав, а му недостасуваше еден скок за дабл-дабл, додека ветеранот Тасовски реализира ефикасни 17 поени. Анунва со 19 поени беше еден од подобрите играчи на МЗТ, капитенот Стојановски заврши со еден поен помалку.

 

- Оглас -

Најнови вести