Трагите од несреќата во која загинаа Диого Жота и неговиот брат Андре се уште се видливи на патот во близина шпанската граница со Португалија, а властите кои ја истражуваат смртта на фудбалерите велат дека се обидуваат да утврдат со која брзина се движело нивното возило пред фаталната несреќа.
Шпанските власти велат дека може да поминат неколку дена пред да биде објавен конечниот извештај за несреќата.
Жота (28) и неговиот брат Андре (26) загинаа ноќта помеѓу среда и четврток кај градот Замора во Шпанија, додека патувале кон Сантандер од каде требало со траект да заминат кон Велика Британија.
Нивното Ламборџини излета од автопатот, и потоа се запалило.
Според истрагата, се верува дека сакале да претекнуваат, а една од гумите на автомобилот експлодирала пред несреќата.
„Во овој момент е невозможно точно да се каже со која брзина се движел автомобилот, но тоа е нешто што истражителите на Цивилната гарда ќе можат детално да го наведат, барем приближно, во нивниот конечен извештај од трагите на сопирање и лизгање. Можам да потврдам дека не било вклучено друго возило и никој друг не е повреден“, велат од полицијата.