Младиот одбранбен играч на Џенова, Кристијан Ромеро, ќе биде следното засилување на Јувентус. Дваесет и едногодишниот дефанзивец утрово стигна во Торино, каде што ќе треба да ги изврши медицинските прегледи пред да го стави потписот на петгодишниот договор со Старата дама, а за неговите услуги ќе бидат потрошени околу 20 милиони евра.
Ова е втор дефанзивец кој италијанскиот првак го ангажираше ова лето, по Мерих Демирал, но навивачите на Јувентус со нетрпение чекаат друг дефанзивец да пристигне на „Алијанц стадионот“. Италијанските медиуми, пак, тврдат дека Ромеро нема долго да се задржи во Јуве, најверојатно ќе оди на позајмица, а се споменува привремено враќање во редовите на Џенова.
https://twitter.com/juventusfcen/status/1148480040331567104?s=09
Веќе извесно време се зборува дека Матајс де Лихт го одбрал Јувентус за следна дестинација, но од талентираниот Холанѓанец засега нема ни трага ни глас. Всушност, тој вчера се појави во тренинг-центарот на Ајакс, каде што започна со подготовки за новата сезона додека чека холандскиот и италијанскиот првак да се договорат околу сумата на трансферот.
Познато е дека Де Лихт се согласил на петгодишен договор со Јуве според кој ќе заработува 12 милиони евра во секоја сезона.