Милан има шанса да се искачи на четвртото место на табелата доколку на домашен терен ги освои трите бода против Калјари. Но гостите на „Сан сиро“ доаѓаат со голем мотив, особено нивниот тренер Роландо Маран, кој вели дека има план како да го спречи Кжиштоф Пјонтек.
Полјакот веднаш по трансферот од Џенова ја отвори својата сметка за „росонерите“ откако постигна три гола на три меча. Секако, тој ќе биде најопасниот играч на Милан вечерва, но гостите веруваат дека не е незадржлив.
„Милан е доста поквалитетен со доаѓањето на Пјонтек и Пакета, сега се многу поопасни. Сепак, кога пред еден месец игравме против Џенова, Пјонтек уште играше за нив и ние успеавме да го спречиме да не даде гол, а верувам дека истото можеме да го направиме и вечерва“, вели Маран.
Тоа беше дуелот од 18-тото коло во кој Калјари минимално ја совлада Џенова, а Пјонтек на таа средба беше речиси незабележлив на теренот и само еднаш се закани кон голот на Крањо.
Мечот Милан – Калјари е последниот од неделната програма во Серија А, со почеток од 20:30 часот.