Во КФСМ заборавија дека доделувањето на шампионскиот трофеј е најсвечениот момент и круна на сезоната

Синоќа се спушти завесата за оваа сезона во македонската кошарка. МЗТ Скопје Аеродром ја продолжи доминацијата и по 12-ти пат го крена шампионскиот трофеј. Во финалето на плејофот, аеродромци со 3:1 во победи го совладаа ТФТ Скопје и во СРЦ „Кале“ го кренаа шампионскиот трофеј.

Стандардно, капитенот на МЗТ Скопје, Дамјан Стојановски, прв го зеде пехарот и високо го крена, а потоа прослави заедно со своите соиграчи и со навивачите. За Дамјан ова е јубилејна 10-та шампионска титула.

За многумина кои синоќа беа во СРЦ „Кале“ збунувачки делуваше фактот дека шампионскиот пехар во рацете на капитенот на МЗТ Скопје Аеродром го додели Елена Мојсоска, која е задолжена за маркетинг во Федерацијата.

Кога се работи за највредниот трофеј во кошарката, сигурно од КФСМ можеа и мораа да се организираат подобро кој да го додели. Оваа Федерација неодамна доби ново раководство, кое уште на стартот очигледно направи „грешка во чекори“ во „Кале“.

Кога се работи за финале на плејофот, за доделување на трофејот, за кој цела сезона се борат екипите, сигурно требаше да има некој од челниците на новото раководство, каде што на чело е претседателот Томе Главчев, потпретседател е Младен Ѓуровски, а генерален секретар е Томче Стојчевски.

На вчерашното доделување на медалите се појави само спортскиот директор Марјан Србиновски, кој ги подели златните медали на кошаркарите на МЗТ, а потоа, кога требаше да се случи најсвечениот момент и да се предаде трофејот, се појави маркетинг-службата во Федерацијата, но не и првите луѓе на КФСМ.

За разлика од Кошаркарската федерација, во Фудбалската федерација на Македонија и во Ракометната федерација на Македонија покажаа дека знаат да го ценат моментот кога се работи за доделување на трофеите. Нови претседатели има и во ФФМ и во РФМ, но таму првите луѓе во тие спортови без двоумење знаеја дека тие се најодговорните кои треба да ги доделат најважните пехари сезонава.

Првиот човек на ФФМ, Масар Омерагиќ, беше во Тетово за да ѝ го предаде шампионскиот трофеј на Шкендија, а тој прв им честиташе и му го даде пехарот на Вардар за освоениот Куп. Оваа сезона во фудбалот пехари во младинските категории доделуваа и фудалските легенди Горан Пандев, Ѓорѓи Христов и Агим Ибраими. Омерагиќ присуствуваше и на завршницата на детската лига и таму ги доделуваше пехарите и медалите за најдобрите.

Изминатиов викенд се играше и финалето на Купот на ракометниот куп. Завршницата беше во Охрид, а Вардар го освои пехарот. Новиот претседател на РФМ, Александар Стефанов, беше во салата „Билјанини Извори“ и лично тој ги доделуваше медалите и пехарот за победничкиот тим.

Едноставно, присуството на челните луѓе на Федерацијата претставува почитување на настанот, почитување кон клубот кој цела сезона се борел, а на крајот станал најдобар и ги освоил трофејот и медалите. Тоа почитување го покажаа од ФФМ и РФМ, но, за жал, тоа не може да се каже и за КФСМ.

- Оглас -

Најнови вести