13.8 C
Skopje
среда, 25 февруари 2026

Во КК Работнички плата нема веќе осум месеци, клубот во опасност да згасне

Кошаркарскиот клуб Работнички ги живее можеби најтешките денови од неговото постоење. Клубот кој некогаш беше гордост на градот, сега е на дното. Оддамна во „Градски парк“ не се зборува за амбиции да се освои некој пехар, а сега играчите и членовите на стручниот штаб јавно преку официјалната фејсбук страница на клубот посочуваат колку е алармантна ситуацијата во некогашниот кошаркарски великан.
Соопштението ви го пренесуваме во целост:
„Ние, играчите и стручниот штаб на кк Работнички, сме принудени јавно и недвосмислено да реагираме поради крајно неприфатливата и понижувачка состојба во која се наоѓа тимот, како и поради игнорантскиот однос на раководството и локалната власт кон луѓето кои секојдневно го бранат грбот на клубот.
Со месеци наназад предупредуваме дека ситуацијата е алармантна, но место решенија, добиваме молк, празни ветувања и избегнување одговорност. Во овој момент на играчите им се должат осум плати, што претставува директен удар врз нашата егзистенција, нашите семејства и нашето достоинство како професионалци. Ова не е само финансиски проблем — ова е системско непочитување на луѓето кои го претставуваат клубот.
Тимот функционира во недостоинствени услови, без основна опрема, без елементарна логистика и со постојана неизвесност околу најосновните организациски прашања. На патувања сме оставени сами на себе, без сигурен превоз, па често навивачите ги покриваат овие трошоци. Ова е срам за клуб со ваква историја и реноме.
Дополнителен врв на непочитување е фактот што ниту играчите, ниту стручниот штаб не беа поканети на официјалното отворање на реновираната сала — нашата „куќа“. Овој чин јасно покажува колку малку се ценат луѓето кои секојдневно се борат за грбот и угледот на клубот.
Јавно констатираме дека ветувањата дадени од градоначалникот не се исполнети, всушност, слободно можеме да кажеме дека тој неколку пати не излажа, а спортскиот директор со недели не одговара на телефонските повици и пораките, со што практично ја прекина секоја форма на комуникација со тимот. Ваквиот однос го сметаме за неодговорен и недозволив.
Доколку во најкраток можен рок не се подмират заостанатите обврски и не се преземат конкретни и видливи чекори за стабилизација на клубот, јавно соопштуваме дека нема да ги играме следните натпревари. За оваа одлука целосната одговорност ќе ја сносат раководните структури и институциите кои дозволија клубот да дојде до оваа состојба.
Ние не бараме привилегии — бараме основни услови за работа, почит и исполнување на договорените обврски. Секое понатамошно игнорирање ќе значи директно уништување на спортскиот интегритет на клубот и ќе ја информираме целокупната јавност и релевантните институции за сите наредни чекори.
Во интерес на вистината, навивачите и македонската кошарка, бараме итна и транспарентна реакција. Работнички е поголем од сите поединци, но без луѓето кои играат и работат во него — клуб нема.
Остануваме обединети, но решителни да се избориме за нашите права и достоинство.“
- Оглас -

Најнови вести