Вардар без тренерот Александар Васоски и без Филип Најдоски и Али Адем денеска од 13 часот ќе се обиде да го прегрми тешкото гостување во Кратово кај Силекс.
За лидерот на табелата и најтрофеен наш клуб денеска почнува трилингот многу тешки мечеви со трите екипи што се зад него на табелата.
Силекс е во одлична форма и со три победи и едно реми на последните четири натпревари дотурка до четвртата позиција со 22 бода, 9 помалку од Вардар. По овој меч, за „црвено-црните“ следуваат уште два меча до крајот на годинава, против Академија Пандев и со Шкендија.
Второто дерби на 16-тото коло во домашната Прва лига ќе се игра во Скопје, а Шкупи ќе ѝ биде домаќин на второпласираната екипа, Академија Пандев.
И двете екипи имаат пад во формата и се без победа на последните четири кола. Двете екипи имаат најмногу нерешени мечеви досега во Лигата. Шкупи дури 7 пати ремизираше, а струмичани шестпати одиграа нерешено, па се очекува тврд дуел. На последните пет меѓусебни дуели играа со многу малку голови, односно од 0-2 гола.
Двојки, 16-то коло, денеска од 13 часот: Силекс – Вардар, Шкупи – Академија Пандев, Струга Трим Лум – Шкендија, Ренова – Македонија Ѓ.П., Работнички – Борец.
Табела: Вардар 31, Академија Пандев 27, Шкендија 24, Силекс 22, Македонија Ѓ.П. 21, Шкупи и Струга по 19, Борец 16, Ренова 15, Работнички 11.