Челзи пред две години одби дури 70 милиони евра за тогаш 19-годишниот талентиран Калум Хадсон-Одои, за што сегашната управа се кае што претходните оперативци не ја прифатиле понудата.
Баерн Минхен беше клубот кој тропна на вратата на Сините со огромната сума, но планот да го позајмат младиот Англичанец и по една сезона да го одврзат ќесето и да платат мало богатство, не успеа. Во меѓувреме, Челзи го врза крилниот фудбалер со нов договор до јуни 2024 година и висока плата од 120.000 фунти неделно, а тој речиси и да не игра.
Кариерата му стагнира две години, честите повреди и слабите партии не му дозволија на Хадсон-Одои да ги оправда средствата, а Тухел во прв план има неколку други играчи кои играат на позицијата на младото крило. Поради тоа, до крајот на летниот преоден рок се очекува Хадсон-Одои да замине на позајмица, а Њукасл и Лестер се само дел од премиерлигашите кои го посакуваат да биде нивен играч во претстојната сезона.