Амбасадорот на Аргентина во Шпанија, Рамон Пуерта, викна кај него по неколку претставници на навивачките клубови на Ривер плејт и Бока јуниорс, да се смират тензиите и да се договорат да нема инциденти на 9 декември кога во Мадрид ќе се игра финалето на Копа Либертадорес.
Тензиите помеѓу двете групи сигурно ќе ги има, но со далеку помала жестина отколку во Буенос Аирес, а за да мине мирно, треба да придонесат и навивачите на овие два тима кои живеат во Мадрид. Се проценува дека во Шпанија живеат 250.000 луѓе со аргентинско потекло, и тоа е земја со најголема аргентинска заедница во светот. Од нив, голем дел се во Мадрид.
„Ова е шанса преку фудбалот на светот да му покажеме дека можеме да живееме во мир. Не знам каква порака да им испратам на Аргентинците кои ќе дојдат во Мадрид, бидејќи тие веќе се добро информирани, но важно е во светот да се покажеме во позитивно светло“ – порача амбасадорот.
Побарувачката на билети е толку голема (за 24 часа пристигнале 150.000 апликации), што ако им се дадат карти на сите кои сакаат, без проблем би се наполниле два стадиони како „Сантијаго Бернабеу“, но среќа да влезат ќе имаат само околу 80.000 луѓе. Откако се премести местото на одигрување на мечот, сега има многу повеќе барања за акредитации од страна на европските новинари.