Поранешниот голман на Тотенхем, Алфи Вајтман (27), реши да му сврти грб на фудбалот и да започне сосема нова кариера, застана зад фотоапаратите и камерите!
Англичанецот помина низ сите младински селекции на Петлите од Лондон, а беше дел од тимот што пред пет месеци ја освои Лигата на Европа, но немаше настап и тогаш како 26-годишен реши да стави крај на фудбалот по најголемиот успех во својата кариера.

Сега ја пронајде својата вистинска страст – фотографијата.
„Потпишав за Тотенхем на 10 години, а веќе на 16 години влегов во светот на професионалниот фудбал. Но, околу 17 или 18 години почнав да чувствувам дека тоа не е тоа. Секој ден беше ист: тренинг, спортско училиште, видеоигри. Купувате исти работи, возите исти автомобили, сите станувате копии еден од друг. Чувствував дека не сум среќен“, изјави Вајтманм кој сега целосно се посвети на уметничкото изразување преку објективот.

Откако ја заврши својата фудбалска кариера, Алфи вели дека не гледал ниту еден фудбалски натпревар.
„Фудбалот е кратка кариера, дури и ако си успешен. Сфатив дека сум поисполнет од она што го правам сега“, заклучи поранешниот голман кој имаше само еден настап за сениорскиот тим на Тотенхем, и тоа во 2020, под водство на Жозе Мурињо во Лигата на Европа.
Навреме одлучи дека е време да се откаже.

 
                                    