Се појавија скандалозни обвинувања од страна на навивачи на Мајорка и сопруги на фудбалери на овој клуб. Тие тврдат дека биле малтретирани од група мажи по завршувањето на средбата со Реал Мадрид од шпанскиот суперкуп која се одигра во Саудиска Арабија.
Кристина Палавра која е жена на Дани Родригез и Наталија Калужова која е сопруга на голманот Доминик Греиф, се жалат дека постојано биле фотографирани од близина, а кога со децата оделе кон излезот по завршувањето на мечот, немало никакво обезбедување и се чувствувале незаштитени и биле туркани, провоцирани, навредувани и „пипкани“ од саудиски фанови.
Еден навивач на Мајорка по име Пере, за шпанските медиуми потврди дека имало непријатности при излезот, а тој тврди дека најлошо поминале жените кои биле допирани по задниците.
Фудбалерот Дани Родригез чија сопруга имала непријатноости, на Инстаграм објави: „Срамота. Ќе уживате во фудбалски натпревар со семејството и ќе ви се случува ова. Каде е организацијата на шпанската федерација? Не е сè во парите“.