Универзитетот Вирџинија стигна до историски прва шампионска титула во НЦАА-шампионатот откако во финалето на Фајнл форот со 85:77 го победи Тексас, и тоа дури по продолжение. Во регуларниот дел, дуелот заврши нерешено 68:68, па мораше да се играат плус пет минути. За Вирџинија ова беше трето учество на Фајнл фор турнирот и го освои првиот трофеј, додека Тексас е дебитант на ваквите мечеви и може да жали што не стигна до тронот.
Мечот започна добро, со добри одбрани на двете екипи. Тексас повеќе од шест минути немаше дадено поени од поле, па Вирџинија поведе со 17:7. Сепак, играчите на Тексас покажаа дека нема да се предадат, во еден момент поведоа и со четири разлика, но Вирџинија сепак повторно го презеде водството и на полувремето замина со предност од 32:29.
На стартот од вториот дел, Вирџинија со серија од 6:0 стигна и до 39:29, а на 10 минути пред крајот водеа и со 53:43. Тогаш Тексас со одлична одбрана покажа зошто е дел од финалето и на три минути до крајот веќе беше нерешено (59:59). Во последните 35 секунди Тексас водеше со 66:65 и напад кој го реализира за 68:65. Вирџинија имаше напад кој мораше да го заврши со погодена тројка и успеа во тоа.
До крајот на средбата, Тексас имаше два шута за титула, но не успеа да погоди, па мораше да се игра продолжение. На 40 секунди до крајот, Вирџинија поведе со 77:73, играчите на Тексас го утнаа следниот напад и почнаа да прават фаули. Шампионите ги реализираа слободните фрлања, па на крајот стигнаа и до убедлив триумф од 85:77, за прва историска титула.
Де Андре Хантер со 27 поени беше најефикасен кај победничкиот тим, а Геј додаде 24 поени. Во тимот на Тексас, Френсис даде 17 поени.