Индискиот тенисер Сумит Нагал направи големо изненадување на Отвореното првенство на Австралија откако во првото коло го елиминира Александер Бублик, и тоа со 3:0 во сетови. Нагал, кој е рангиран на 137-мото место на АТП-листата, ги помина трите квалификациски кола, а потоа за ривал го доби Бублик, кој е на 27-мото место на рангирањето според АТП.
Казахстанецот беше голем фаворит, но Нагал блесна и со 6:4, 6:2 и 7:6 го победи фаворитот. Нагал е тенисерот кој привлече светско внимание по изјавата дадена пред неколку месеци дека на банковната сметка има само 900 евра и дека ни самиот не знае како преживува.
„Имам само 900 евра. Немам спонзори, но ми помага тениската фондација МАХА, додека индискиот олимписки комитет ми дава месечна плата за да можам да обезбедам опрема за настап на турнирите. Сè што ќе заработам, го вложувам во тенисот. Чувствувам дека немам поддршка од државата иако сум најдобар во земјата. Јас сум единствен кој се квалификува на гренслем-турнирите, единствен кој играл на Олимписки игри, а Владата не ме рангира во важни спортисти“, се пожали Сумит во септември минатата година.
#WATCH | India's Sumit Nagal beats No. 31 seed Alexander Bublik 6-4 6-2 7-6(5) at the Australian Open.
(Video: Australian Open) pic.twitter.com/Ffe5rIAOhZ
— ANI (@ANI) January 16, 2024
По победата над Бублик, Индиецот беше многу емотивен, а и многу среќен затоа што оваа победа ќе му донесе добра заработка.
„Ова е многу емотивно за мене. Нема да плачам, но уште не сум свесен што успеав да направам. Некогаш годината е добра, некогаш е лоша. Минатата година ми беше една од најлошите затоа што, како што кажав, на сметката имав само 900 евра. Горд сум што воопшто се појавив во Мелбурн, посебно затоа што знам од каде сум тргнал. Фантастично е што сум во второто коло“, задоволно коментираше Нагал, кој за пласманот во втората рунда ќе му донесе заработка од 180.000 долари.
Доколку успее да го помине и второто коло, паричната награда ќе биде 255.000 долари, што е дополнителн мотив Нагал да се обиде да направи нов подвиг. Нагал е првиот Индиец уште од 1989 година кој успеал да победи еден носител на гренслем-турнир.