Лука Модриќ пред два месеца го прослави 40-тиот роденден, но воопшто не размислува за фудбалска пензија. Капитенот на хрватската репрезентација пред почетокот на оваа сезона пристигна на „Сан Сиро“, откако претходно повеќе од една деценија беше главен во Реал Мадрид.
Само неколку меча беа потребни за Модриќ да стане клучна фигура во тимот на Росонерите сезонава. Очигледно дека ветеранот е во одлична форма и полека може да размислува за подготовка и за Светското првенство следната година, каде што треба да игра со Хрватска.
Тренерот на Милан, Масимилијано Алегри, е презадоволен од тоа што го нуди Модриќ на теренот и многу веројатно е дека наскоро ќе биде продолжен договорот со тимот од „Сан Сиро“.
Актуелниот договор на Модриќ со Милан е до јуни 2026 година, со опција за продолжување за уште една сезона и речиси нема сомнение дека нивната соработка би продолжила и до летото во 2027 година.
Милан со Модриќ на теренот сезонава започна одлично и по 11 одиграни кола, моментално е на третото место во Серија А со 22 бода. Само Рома и Интер со по 24 бода се пред Росонерите и сигурно ќе биде интересна трката за титулата во Серија А.

