По три кола во групната фаза од Лигата на шампионите, ПСЖ е единствениот тим кој досега нема примено гол. Светците во три меча постигнаа девет гола, а Навас ниту еднаш не ја вадеше топката од својата мрежа, иако во една од тие средби за противник им беше Реал Мадрид, против кого славеа со 3-0 на стартот од сезоната.
Одбраната на ПСЖ е толку добра што досега само еден удар на противниците завршил во рамките од голот, но тој бил спречен од костариканскиот чувар на мрежата. Ваква статистика досега не е забележана во најелитното европско натпреварување, а квалитетот на Тијаго Силва, Маркињос и останатите го потврдуваат фактот што францускиот првак запиша 10 меча со празна мрежа од вкупно 14 во сите натпреварувања оваа сезона.
Иако тренерот Томас Тухел поседува огромен квалитет во нападот, тука се Нејмар, Мбапе, Кавани, Икарди, германскиот стратег очигледно нашол решение како да ја стегне одбраната и да го направи тимот уште поопасен.