Во МЗТ Скопје најавуваат борба против Борац

Победата над Хелиос санс во првото коло беше само загревање за МЗТ Скопје Аеродром пред двата важни и силни теста во втората АБА-лига, од кои првиот е денеска, од 19 часот, дома против Борац Чачак. Домашниот терен е предноста на „штрковите“, но ако сакаат да победат, ќе треба да одиграат добро на двете страни од теренот.

„Борац е квалитетен и исклучително искусен тим. Нивниот пораз во првото коло не значи ништо и не смее да нè залаже. Тие мотивирани доаѓаат во Скопје по победа. Доста трчаат, имаат играчи кои знаат да играат два на два, а клучно ќе биде да одиграме добро под кошевите, да бидеме агресивни во одбраната и да имаме правилен пристап. Ќе треба добро да се испотиме. Апелирам до навивачите да дојдат во поголем број и заедно да се радуваме по мечот“, вели тренерот Ѓорѓи Кочов.

Тренер на Борац е поранешниот македонски селектор и екстренер на Струмица, Јовица Арсиќ, а во играчкиот кадар им е Ѓорѓе Мајсторовиќ, кој го носеше дресот на МЗТ во минатата сезона, па Кочов добро ги познава неговите добри и лоши страни.

Џејмс Вудард, исто така, предупредува дека противникот е незгоден.

„Победата над Хелиос не смее да нè успие, туку да ни даде мотив плус да продолжиме во ист ритам и да го совладаме и денешниот ривал. Ако имаме идентичен пристап како пред една недела, и со фајтерска игра и цврста одбрана, ќе бидеме блиску до остварување на планот, а тоа е нова победа“, изјави американскиот бек кој беше МВП на АБА 2 во првото коло.

Билетите се по цена од 50 денари.

- Оглас -

Најнови вести