Шпанија и Австралија утрово во 10 часот ќе ја започнат битката за влез во финалето на Светското кошаркарско првенство во Кина. Ова е дуел на две селекции кои имаат перфектни шест победи во досегашните шест меча на турнирот. Најважната победа за Шпанија беше таа во вториот дел од групната фаза, кога со 81:69 ја победија Србија. Тој триумф ѝ ја донесе Полска во четврт-финалето, каде што немаа многу проблеми.
Австралија покажа дека секого може да победи, па славеше против Франција, а претходно во подготвителниот период ги победи и Американците. Тоа доволно зборува за силата на Кенгурите. Сепак, кога ќе се земе предвид традицијата, но и искуството на шпанските кошаркари, Црвената фурија треба да биде таа која ќе игра во финалето.
Во досегашните седум меѓусебни средби на овие селекции, Шпанија има перфектен биланс од седум победи.
Аргентина и Франција ќе играат од 14 часот, во дуел на репрезентациите кои во четврт-финалето ги исфрлија првите фаворити на турнирот. Гаучосите ја победија Србија, а Галските петли ги средија Американците. Аргентина нема пораз во досегашниот дел од турнирот, а Франција единствено загуби од Австралија со два поени разлика.
Физичката сила, но и стабилноста која ја покажаа, како и фактот дека Франција победила во четири од последните пет меча, ги прави Галските петли да бидат фаворити.
И коефициентите во Sport Life многу поголема шанса даваат Франција и Шпанија да играат во финалето, отколку во борба за златото да се вмеша една од двете неевропски селекции.