Во НБА имало скриен талент, резерва на најслабиот тим во лигата уфрли 50 поени!

Бекот на Детроит пистонс, Малачи Флин, шокираше многумина и испиша историја станувајќи само третиот кошаркар во НБА, кој како резерва постигнал 50 поени на еден натпревар во најсилната лига на светот.

Детроит загуби од Атланта со 113-121, но Флин беше главна ѕвезда. Пред него, во историјата на НБА само уште Џамал Крафорд и Ник Андерсон успеале да уфрлат 50 поени на меч на којшто не биле во првата петорка. Овие 50 поени се осмиот најефикасен меч за еден поединец во историјата на Пистонс, а Флин имаше и шест скока и пет асистенции и стана вториот во историјата на Детроит по Блејк Грифин со 50 поени и барем по пет скока и асистенции. Досегашниот личен рекорд на Флин му беа 27 поени. Тоа е играч кој беше 29-ти пик на драфтот во 2020 и беше избран од Торонто, а во Детроит дојде од Њујорк никс.

Утрово беше богато со натпревари во НБА. Бостон ја разби Оклахома сити со 135-100, што за Селтикс е 60-та победа сезонава и ја обезбедија предноста на домашниот терен за целиот плејоф.

Многу убедлива беше и Минесота, која по триумфот од 133-85 над Торонто се искачи на првото место на Западот. Значајна победа во трката за место во плејофот оствари ЛА лејкерс против Вашингтон со 125-120, а необично неефикасен меч одиграа Шарлот и Портланд, Блејзерс славеше со 89-86.

Поразот на Кливленд во комбинација со победа на Орландо, носи тесна трка за третото место на Истокот.

- Оглас -

Најнови вести