Во НБА ќе има четири „кеца“ и само една „двојка“

Само уште пет-шест меча им останаа на НБА-екипите за комплетирање на регуларниот дел од најсилната кошаркарска лига. Голема е битката како за местата кои водат директно место во плејофот така и за тие кои овозможуваат доигрување.

Јута е домаќин на ЛА лејкерс. Џезерите добар дел од сезоната беа во Топ 3 на Западот, но сега наредија пет порази во низа и им е загрозена дури и шестата позиција, последна која носи сигурен плејоф.

Од друга страна, Лејкерс се мачи да ја задржи десетата позиција на Западот. Тимот од ЛА има седум победи во последните 10 средби со Јута, но фактот дека Ентони Дејвис нема да игра, а неизвесен е настапот на Леброн Џејмс, ги прави Џезерите фаворити.

Чикаго е домаќин на ЛА клиперс и Биковите треба да победат за да останат шести на Истокот. Клиперс сигурно ќе биде еден од четирите клубови кои ќе доигрува за место во плејофот на Запад, а на овој меч ќе бидат без Кавај Ленард.

Атланта и Кливленд може да се сретнат во доигрувањето за место во плејофот, а сега Јастребите треба да покажат дека на домашен терен се сериозен тим.

Дербито на вечерта ќе го играат Бруклин и Милвоки во Њујорк. Победата многу повеќе ќе им вреди на домаќините кои се борат за плејофот, додека Милвоки е во обид да стигне до првото место на Истокот. Сепак, предноста на овој меч е за домаќинот.

Единствен изразит фаворит на гости е Филаделфија против Детроит. Со серија победи, Филаделфија може да биде и прва на Истокот, но ако има лоши резултати, може да падне до четвртото место. Детроит има само 20 победи во 76 меча, па едноставно домаќините нема што да бараат во овој дуел.

- Оглас -

Најнови вести