Франц Вагнер со личен рекорд од 28 поени придонесе за победата на Орландо меџик на гостувањето кај Минесота тимбервулфс од 115-97 и го привлече вниманието врз себе.
Германецот Вагнер е 20-годишен дебитант во НБА и стана третиот играч во историјата на Орландо кој постигнал 25 или повеќе поени во некој од првите осум меча во кариерата. Освен 28 поени, Вагнер имаше и четири скока и по две асистенции и украдени топки за 30 минути игра, а го имаше и потегот на вечерта, кога ја заби топката од тешка позиција преку противнички кошаркар.
Вагнер заедно со Ентони Кол, кој уфрли 31 поен, беа најзаслужни за втората победа на младиот тим на Магичните сезонава. Цели 20 години не беше видено во НБА на еден меч двајца соиграчи помлади од 21 година да дадат над 25 поени. Иако млади, играа како искусни ветерани, последната четвртина Орландо ја доби со огромни 43-19 за победа со пресврт.
Интересна ситуација синоќа имаше и во Филаделфија, каде што публиката на Демиен Лилард од Портланд му скандираше: „Го сакаме Лилард“. По мечот, ѕвездата на Блејзерс се заблагодари, но рече дека тој е играч на Портланд и ќе му биде верен на тимот додека е таму.
Погледнете го забивање на Вагнер, кое е потег на вечерта, можеби и неделата во НБА:
https://twitter.com/i/status/1455361155954712582