Во петок по пет месеци пауза, ќе се игра првиот меч со публика во Велика Британија

Во петок, на 31 јули ќе се игра првиот меч со присуство на публика на трибините во Велика Британија по паузата од речиси пет месеци, односно од почетокот на март, кога имаше прекин на сите фудбалски активности поради пандемијата со ковид-19.

На „Виндзор парк“ во Белфаст, во финалето на националниот Куп на Северна Ирска, Балимена и Гленторан ќе играат само пред 500 гледачи, односно по 250 навивачи на двата клуба, што е прв меч со луѓе на трибините на Островот.

Фудбалската федерација на Северна Ирска одлучи со драстично намален капацитет да им дозволи на ограничен број луѓе да го гледаат дуелот за пехарот, што сепак е напредок и добра најава за следната сезона дека ќе може да има публика на трибините во земјите од Велика Британија.

„Виндзор парк“ има капаците од 18 илјади гледачи, а беше празен вчера за двете маратонски полуфиналиња. И на двете имаше многу возбудувања и траеја долго, речиси по три часа, а финалистите беа одлучени по пенал-сериите.

Балимена го победи Колерејн по подоброто изведување на пеналите, откако во регуларниот дел беше 1:1, а потоа во двете продолженија од по 15 минути немаше голови.

Исто беше сценариото и во второто полуфинале меѓу Гленторан и Клифтонвил, а и тука беше 1:1 по основниот дел, па се одиграа продолженија без гол, а победникот се одлучи по ударите од белата точка.

Фудбалерите на Гленторан имаа и повеќе среќа и беа за нијанса попрецизни, па ќе имаат можност да играат за куп-трофејот на Северна Ирска во првиот меч од март наваму, што на Островот ќе се игра со публика.

- Оглас -

Најнови вести