Во последното коло ќе биде лудница за спас: Пандев со Џенова доживеа дебакл, Удинезе со Несторовски дома загуби од Лече

Горан Пандев и Џенова ја пропуштија првата меч-топка за спас од испаѓање во Серија А откако претрпеа дебакл на гостувањето кај Сасуоло со 5:0. Уште во првото полувреме Сасуоло покажа дека е поквалитетен тим постигнувајќи два гола.

Во второто полувреме, домаќините со уште три погодоци само ја продолжија традицијата да има по пет гола во дуелите со Џенова на свој стадион. Горан Пандев даде гол за Џенова, но беше поништен поради офсајд, а потоа во 72-рата минута при резултат 3:0 беше заменет од игра.

На штета на Џенова беше и поразот на Удинезе на свој терен од Лече со 1:2. Доколку Удинезе успееше да освои барем еден бод против тимот кој е во зоната за испаѓање, Џенова ќе се спасеше и мирно ќе го очекуваше последното коло.

По денешните резултати, Џенова остана на 36 бодови, но Лече со трите освоени поени сега стигна до 35, па во последното коло ќе се решава кој ќе биде последниот патник за во Серија Б. Во последното коло Џенова на свој терен игра против Верона, додека Лече исто така на свој терен ја пречекува Парма.

Резултати: Лацио – Бреша 2:0, Сампдорија – Милан 1:4, Сасуоло – Џенова 5:0, Удинезе – Лече 1:2, Верона – СПАЛ 3:0.

- Оглас -

Најнови вести