Во Англија вчера се одигра традиционалното Боксинг деј коло, но, за жал, голем број мечеви беа одложени. Корона-вирусот прави незапамтени проблеми околу одигрувањето на предвидените дуели.
Во изминатата недела е поставен нов негативен рекорд по бројот на заразени фудбалери и членови на стручен штаб во премиерлигашките екипи. Од 20 до 26 декември биле тестирани 15.186 играчи и членови на стручен штаб, а позитивни биле 103 луѓе, што е рекорд по бројот на заразени во една недела.
Поради големиот број заразени, веќе се одложени 15 мечеви, а тренерот на Ватфорд, Клаудио Раниери, најавува дека за следниот меч планира да игра со тимот до У23 против Вест хем.
„Тешко е да се процени дали играчите се подготвени. Кога ќе одработите само еден нормален тренинг, тешко е да се види формата. Мислам дека поголем дел од фудбалерите нема да може да одиграат 90 минути“, рече Раниери.
Само вчера беа одложени дури три меча, и тоа: Ливерпул – Лидс, Вулверхемптон – Ватфорд и Барнли – Евертон. Утре нема да се играат средбите меѓу Арсенал – Вулверхемптон и Лидс – Астон вила.