Во продажба се билетите за историскиот меч меѓу Македонија и Косово – Еден тикет за едно лице, цените се 300 и 400 денари

Билетите за историскиот меч меѓу Македонија и Косово што ќе се игра во Скопје на 26 март се пуштени во продажба, а ќе одат по принципот еден тикет за едно лице и ќе бидат персонализирани.

Влезниците се продаваат по 300 и по 400 денари за јужната и северната трибина на 10 продажни места во државата, а за да се дојде до билет, ќе мора да се приложи документ за лична идентификација.

„Ги известуваме сите навивачи и поддржувачи на нашата најдобра репрезентација дека на денот на натпреварот со себе треба да носат документ за лична идентификација бидејќи при влегувањето на Националната арена за натпреварот на 26 март, редарската служба (претставници на Министерство за внатрешни работи) ќе ја проверува точноста на личните податоци од влезниците и нема да им овозможи влез на трибините на оние навивачи кои под друго име ќе се обидат да влезат на Националната арена. Предупредуваме навивачите да не купуваат влезници на т.н. „црн пазар“ со други податоци на влезниците. Ги повикуваме сите гледачи, поддржувачи и навивачи на македонската репрезентација со фер и коректно навивање да им помогнат на нашите фудбалери да стигнат до вредна победа и да ја доближат Македонија до пласман на ЕВРО 2020. Благодарност до сите навивачи за верната поддршка, ви посакуваме да уживате во натпреварот и со ваша поддршка да оствариме голема победа на патот до нашето историско место на Европското првенство 2020“, објавија од Фудбалската федерација на Македонија.

Мечот е во рамките на полуфиналето во Сегментот Д од Лигата на нациите, а селекцијата што ќе победи ќе ѝ оди на мегдан на подобрата репрезентација од дуелот во Тбилиси меѓу Грузија и Белорусија.

Финалето ќе се игра на 31 март, а шампионот во Сегментот Д ќе игра на Европското првенство во 2020 година.

 

- Оглас -

Најнови вести