Бразил го декласира Уругвај со 37:17 на Мундијалот во Египет и потврди дека во ракометот се многу напред во однос на вечниот спортски ривал.
Кариоките го потврдија петтото место, а и буквално му одржаа лекција од ракомет на својот сосед од Јужна Америка. Уругвајците се убедливо најслабата репрезентација на турнирот и имаат максимален број порази. Се пласираа во втората фаза благодарение на службената победа против Зеленортски Острови, кои предвреме го напуштија Мундијалот.
Лусијано со седум гола беше најефикасен кај Бразил, а Мораеш и Хекбарт постигнаа по пет погодоци.
Во сличен меч кој одлучуваше која селекција ќе го избегне последното место во групата два, Јапонија го победи Бахреин со 29:25.
Од 18 и од 20.30 часот вечерва се играат последните четири натпревари од втората мундијалска фаза.
Аргентина против Катар и Хрватска против Данска ќе одлучуваат за второто место во втората група и која селекција ќе патува во четвртфиналето со Данска.
Во првата група ќе се игра дербито за првото место меѓу Унгарија и Шпанија, а Полска и Германија ќе играат за престиж и за третото место што не води во нокаут-фазата.