Доколку Килијан Мбапе до крајот на годинава не го продолжи договорот со Пари Сен Жермен, од 1 јануари смее да преговара со други клубови, и да потпише преддоговор, а на 1 јули 2024 ќе стане слободен играч.
Се шпекулира дека Реал Мадрид веднаш ќе му испрати понуда, а одговорот ќе се чека две недели, па најдоцна на 15-ти јануари треба да се знае дали Мбапе ќе се пресели во Кралскиот клуб.
Утрово шпански и француски медиуми тврдат дека Реал и Мбапе имаат договорено трансфер на Французинот. Мбапе би имал годишна плата од 35 милиони евра, што е за дури 21 милион помалку од примањата во Париз, но во Реал би бил убедливо најплатен. Во моментов, најголеми плати имаат Давид Алаба и Тони Крос, кои заработуваат помеѓу 10,5 и 11 милиони годишно.
ПСЖ нема да добие класична отштета од Реал за Мбапе, напаѓачот ќе си оди како слободен, но Светците ќе добијат пари во вид на бонуси, а фудбалерот ќе им ги прости и парите кои требаше да ги земе од „клаузулата за верност“.