Повремениот шпански репрезнтативец Педро се наоѓа на прагот од трансфер во Рома. Според најавите од италијанските медиуми, Педро во летниот преоден рок ќе си замине од Челзи и ќе го облече дресот на Римската волчица.
Искусниот офанзивец треба да потпише договор до јуни 2022 година, со можност да остане уште една сезона плус на „Олимпико“. Годишната плата би му изнесувала по три и пол милиони евра во сезона.
Педро реши да си замине од Челзи затоа што сезонава нема многу шанса за игра во лондонскиот тим. Одигра само девет меча сезонава и затоа најдобро е да си замине од клубот со кој ги освои Премиер лигата, ФА купот и Лигата на Европа.
Пред да дојде во Челзи, Педро беше играч на Барселона, клуб во кој ги имаше блескавите моменти во кариерата. Педро успеа да ги освои сите шест најзначајни трофеи со каталонскиот гигант (Првенството, Купот, Суперкупот на Шпанија, Лигата на шампионите, Суперкупот на Европа и Светското клупско на ФИФА).
Освен на клупско ниво, Педро има титули со Шпанија. Беше Светски првак на Мундијалот во 2010 година, а потоа ја освои и европската круна во 2012 година. Едноставно, Педро е играч кој како да е магнет за титули.