Во Рома и во Фиорентина се незадоволни од судењето во Серија А

Тренерот на Рома, Пауло Фонсека, ги нападна судиите и нивниот критериум во делењето на правдата во дуелите од Серија А. Стратегот на Римската волчица вели дека арбитрите често знаат да направат грешка на штета на Рома, а посебно симптоматично е колку жолти картони добиваат играчите на римскиот тим.

На последниот меч од италијанското првенство, Рома загуби со 4:2 на гости кај Сасуоло, а дури шестмина играчи на Волчицата добија жолт картон.

„Мислам дека во последно време Рома е оштетена од судиските одлуки. Не сакам да зборувам за судиските грешки, но не можам да разберам како тим како нашиот добива толку многу жолти картони“, рече Фонсека.

Оваа реакција на тренерот на Рома доаѓа непосредно по реакциите од претседателот на Фиорентина, Роко Комисо. Првиот човек на Виолетовите имаше забелешки на делењето на правдата на дербито против Јувентус. На тој меч, во корист на Старата дама беа досудени два пенали, по кои Кристијано Роналдо погоди за 2:0, а во судиското надополнување италијанскиот првак даде и трет гол, но клучно е тоа дека пеналите го решија победникот на овој меч.

 

- Оглас -

Најнови вести