Во 2025-тата година во САД ќе се одржи првото Светско клупско првенство со 32 екипи, а веќе се води голема битка кој ќе стигне до билетот за учество на првенството.
Во моментов најголема битка се води помеѓу Барселона и Атлетико Мадрид, со оглед на тоа дека според правилата последните четири шампиони одат директно на првенството, а останатите четири екипи според бодовите кои ги освоиле во Лигата на шампионите.
Челзи, Реал Мадрид и Манчестер сити веќе имаат обезбеден пласман, а тоа ќе го стори и екипата која ќе ја освои Лигата на шампионите оваа сезона. Секако, доколку Реал или Сити ја освојат титулата, едно место ќе се префрли кај екипите кои според бодовите ќе се пласираат на Светското клупско првенство. Во моментов Барселона е на шесттата позиција со два поени предност пред Атлетико Мадрид, но проблем е тоа дека според правилата само две екипи од иста држава може да учествуваат на првенството. Тоа значи дека двете екипи ќе водат голема битка за секој бод до крајот на ова издание на Лигата на шампионите, бидејќи и двете да завршат во топ-8 според бодовите, само подобрата од нив ќе патува во САД, на првенството чиј победник ќе освои награда од 100 милиони евра.