3.8 C
Skopje
среда, 3 декември 2025

Во сезоната во која не освои ниту еден трофеј, Интер го сруши рекордот за најголема заработувачка во Италија

Италијанскиот фудбалски гигант Интер оствари рекордни 567 милиони евра приходи во изминатата финансиска година, откри веб-страницата на клубот. Финансиските извештаи за сезоната 2024/25 покажуваат приходи од 567 милиони евра, што е зголемување од 94 милиони евра во однос на претходната сезона. Ова е рекорд, не само за Интер, туку и за италијанскиот фудбал. Претходниот рекорд го држеше Јувентус, кога оствари 464 милиони евра во првата сезона од доаѓањето на Кристијано Роналдо.

Рекордните приходи на Интер се резултат на зголемените приходи од домашните и европските натпреварувања, како и учеството на првото издание на проширеното Светско клупско првенство. Во исто време, имаше зголемување на комерцијалните приходи од спонзорства и натпревари.

Интер ја заврши финансиската година со нето-добивка од 35,4 милиони евра, во споредба со загуба од 35,7 милиони евра во претходната финансиска година. Интересно е дека Интер во сезоната кога стигна до рекордна финансиска добивка не освои ниту еден трофеј. Во Серија А завршија на второто место зад шампионот Наполи. На чекор од трофејот, но не го освоија ниту во Лигата на шампионите, каде што играа во финалето, но убедливо со 5:0 загубија од Пари Сен Жермен. Нераѕурите минатата сезона беа неуспешни и во Купот и во Суперкупот на Италија, а не поминаа добро ниту на Светското клупско првенство.

„Финансискиот извештај што го презентираме денес означува историска пресвртница, за првпат во модерната историја на Интер регистриравме нето-добивка. Овој резултат ја одразува силата на нашата стратегија, заснована на посветеност на одржливост, оперативна ефикасност и максимизирање на нашите ресурси“, рече претседателот Џузепе Бепе Марота.

- Оглас -

Најнови вести