Актуелниот фудбалски шампион на Македонија, Шкендија, е пред убава можност да се пласира во второто коло од квалификациите за Лигата на шампионите, а тоа значи најмалку пласман во плејофот од Конференциската лига.
Тетовци имаат 0-0 од првиот меч против ТНС на гостински терен, па во Скопје ќе треба да бркаат пласман во следната рунда.
„Нѐ очекува уште еден важен натпревар во кој мораме да бидеме внимателни затоа што првиот меч заврши 0-0, но во глобала имаме многу појасна слика за квалитетите на ТНС. Тие се тим кој игра одлично на домашен терен, на својата подлога со вештачка трева, и мислам дека успешно им париравме. Сега ние сме домаќини, условите се сосема различни и верувам дека ќе одиграме добар натпревар. Целта на Шкендија е јасна, ние посакуваме пласман во следната рунда, но мораме да го заслужиме на теренот“, вели тренерот на тетовските „црвено-црни“, Јетон Беќири.
Шкендија не успеа да постигне гол на гостувањето, иако имаше свои шанси за такво нешто, а човекот од кого се очекуваат голови е Бесарт Ибраими, најдобриот стрелец во историјата на македонското првенство.
„Мојата работа е да постигнувам голови и не бегам од тоа. Но, не е важно дали јас ќе бидам стрелецот, најважно е тимот да одигра добро и Шкендија да се пласира во следната рунда. Нѐ очекува уште еден тежок натпревар со ТНС, но ние сѐ ќе сториме за да ја оствариме целта и да ги израдуваме нашите навивачи“ рече фудбалерот на Шкендија, Бесарт Ибраими.