Шкендија утревечер во Скопје ќе има тешка задача да го надомести минусот од два гола разлика што го има од првиот меч против Ноах од Ерменија во квалификациите од Конференциската лига.
Но, тетовци се оптимисти дека може да одат понатаму, иако првиот меч на гости го загубија со 0-2 со два примени гола во финишот.
„По таков пораз, не е лесно. Работевме на психолошки план да ги вратиме фудбалерите по поразот и ќе сториме сè за да ја надоместиме негативата. Веруваме дека имаме квалитет за да излеземе како победници. Многу боли поразот од 0-2, но направивме две исклучително големи грешки и бевме казнети. Не одигравме добро, посебно во нападот. Сега ќе мора да бидеме многу поконкретни“, изјави тренерот Јетон Беќири на прес-конференцијата.
Албанскиот интернационалец Клисман Цаке рече дека атмосферата е одлична и покрај поразот на првиот меч.
„Се надевам дека нема да ги повториме грешките, дека ќе покажеме подобра игра и дека ќе ја анулираме негативата. Во никој случај не требаше да загубиме со 2-0 во Ереван, но сега тоа е зад нас и имаме дополнителна мотивација за триумф“, рече Цаке.