Во Шпанија започна да се размислува и за опција да не заврши актуелното фудбалско првенство. Доколку за брзо време не стивне пандемијата со корона-вирусот, можно е да се прогласи и да се прекине на првенството.
Весникот „Марка“ пишува за сценарио кое би можело да биде дека шампионатот нема да се доигра, а во тој случај челниците на лигата ќе ги предложат моментно првопласираните четири клуба да играат во Лигата на шампионите за следната сезона.
Моментно Барселона е лидер во Примера, пред Реал Мадрид, а потоа следуваат Севилја и Сосиедад. Во една ваква ситуација, најмногу ќе загуби Атлетико Мадрид. Клубот кој пред еден месец го елиминираше актуелниот европски владетел Ливерпул и се пласираше во четвртфиналето моментно е на шестото место на табелата, што значи дека нема да игра во ЛШ, туку ќе има место само за во Лигата на Европа. Пред Атлетико е и градскиот ривал Хетафе.
Ако се случи ова, ќе извиси и Валенсија, која е на седмото место на табелата.
Сепак, ова се само можни опции. За следната недела од УЕФА најавија нов видеосостанок со сите 55 земји членки на Европската фудбалска федерација, каде што ќе се дискутира за тоа како ќе завршат натпреварувањата во домашните првенства, но и во ЛШ и ЛЕ.