Македонската и англиската репрезентација вечерва од 20.45 часот по третпат во историјата ќе играат една против друга во Скопје.
При првите две гостувања на нашиот најголем стадион, кој тогаш беше помал отколку сега, Англичаните победуваа со 2-1 и 1-0.
Единствениот гол за Македонија во Скопје против Гордиот Албион го постигна еден од нашите најдобри напаѓачи на сите времиња, Ѓорѓи Христов. Имавме и среќа при акцијата која ја финишираше Христов, кој го совлада Дејвид Џејмс за голема радост.
Во второто полувреме Англичаните направија пресврт со првиот гол на Вејн Руни (тогаш 17-годишен) во дресот на националниот тим и со гол од пенал на суперѕвездата Дејвид Бекам.
Христов имаше и еден конфликт со Бекам, покажа спортска дрскост кон големата ѕвезда, така треба и вечерва Црвено-жолтите да се однесуваат кон една од најсилните селекции и да играат без страв и комплекс на пониска вредност.