Старото скопско дерби меѓу Шкупи и Вардар на Чаир од 13 часот е во фокусот на вниманието во 14. рунда од домашното првенство. Двете екипи по долг период се во различни зони на табелата.
Шкупи тргна амбициозно во новиот шампионат, беа ангажирани квалитетни играчи, но по 13 кола екипата од Чаир има најмногу порази во Лигата, дури 7. Ниту новиот тренер, легендата на Галатасарај Умит Каран не успева да го сложи мозаикот, па Шкупи моментно бие битка за опстанок на претпоследната позиција.
Вардар долго беше лидер, но со само една победа во последните четири кола ја загуби предноста од 7 бода пред Шкендија, па сега двете екипи се израмнети со по 28 бодови. „Црвено-црните“ ја имаат најцрврстата одбрана во Лигата, примија само 8 гола и тоа е најголем адут на најтрофејниот наш клуб.
На „Чаир“ денеска од 13 часот им одговара само победа, ако сакаат го задржат чекорот во битката за врвот.
Таму моментно е Шкендија со подобра гол-разлика од Вардар, но и тетовци се пред сериозно искушение денеска. Ќе му гостуваат на Работнички, екипа која има амбиции за излез во Европа.
Голем адут на гостите од Тетово е билансот на последните натпревари со „романтичарите“. Шампионот има четири победи против Работнички со гол-разлика од 13:3. Проблем за нив е што ќе го нема најдобриот стрелец Бесарт Ибраими, но сепак ја имаат улогата на фаворит.
Двојки, 14. коло, денеска од 13 часот:
Шкупи – Вардар
Работнички – Шкендија
Беласица – Македонија Ѓ.П.
Ренова – Победа
Академија Пандев – Силекс