Два меча од 25-тото коло во Првата фудбалска лига на Македонија се играат денеска, од 15:30 часот. Во Струмица, Брера ќе биде домаќин на Арсими во дуел на две екипи кои се борат да обезбедат опстанок. Арсими има 29 бода и е на седмото место, последно кое носи сигурен опстанок, додека Брера е со 28 бода и е веднаш зад денешниот ривал.
Двете екипи имаат слаби одбрани и во просек примаат речиси по два гола на меч, што само може да е најава дека ќе биде возбудливо во Струмица денеска. Ако се изземе отпишаниот Шкупи, Брера е тимот со најслаб биланс на домашен терен и сезонава во 11 меча победи само двапати и освои едвај 10 бода.
Во двата меча кои овие две екипи ги одиграа сезонава, Брера двапати победи, и тоа со 2:1 во Струмица и со 2:0 на гости кај Арсими.
Освен ова дерби за опстанок во Струмица, денеска се игра и дуел во Кратово меѓу Силекс и Шкупи. Силекс е апсолутен фаворит и само прашање е колку голови ќе примат гостите од Скопје.

