Во Токио доаѓа дрим-тимот: Попович ќе смета на Џејмс, Кари, Дурант, Харден, Ленард…

Катастрофалниот настап на последното Светско првенство во кошарка ги налути Американците, па затоа на претстојната Олимпијада, која летово ќе се одржи во Токио, селекцијата на САД ќе се појави во најсилен можен состав. Грег Попович ќе располага со вистински дрим-тим во обидот да се одбрани златниот медал, односно да се освои четврти пат во низа или вкупно 16-ти вклучувајќи ги сите настапи низ историјата.

На поширокиот список од 44-рица кошаркари се најдоа сите најголеми ѕвезди кои доминираат во НБА-лигата изминативе години, почнувајќи од Леброн Џејмс, Стеф Кари, Кавај Ленард, Џејмс Харден, Ентони Дејвис, Кевин Дурант, Демиен Лилард, Пол Џорџ…

Голем дел од овие имиња ќе бидат во првата петорка, а Попович ќе има еднакво „страшна“ клупа составена од Кајри Ирвинг, Дрејмонд Грин, Кемба Вокер, Демар Дерозен, Кајл Лаури, и многу други.

Само мал дел од репрезентативците кои настапија на Мундобаскетот во Кина повторно ќе се борат за место во националниот тим, но покрај вакви великани тешко ќе се фати место во ограничениот број од 12 избраници.

Во овој список има дури 29-мина играчи кои веќе настапиле на ОИ или Светско првенство, а меѓу нив делат 31 златен и четири бронзени медали.

- Оглас -

Најнови вести